НЕОБИЧНА ПРЕВАРА ВО БЕЛГРАД: Македонец и Французин „купиле“ iPhone 18 Pro Max без да платат ниту еден денар!

НЕОБИЧНА ИЗМАМА ВО БЕЛГРАД: Македонец и Французин „купиле“ iPhone 18 Pro Max без да платат ниту еден денар!

 

21 октомври 2026 година

Српската полиција уапсила тројца осомничени за необична измама во Белград, при која со помош на специјална платежна картичка и компјутерска програма успеале да земат скап мобилен телефон без да извршат вистинска уплата. Меѓу уапсените е и 36-годишен државјанин на Северна Македонија.

 

Според информациите од српското обвинителство, уапсени се 28-годишен француски државјанин, 36-годишен македонски државјанин и 44-годишен српски државјанин. Тие се осомничени дека со заедничко дејствување извршиле кривично дело измама, при што противправно стекнале имотна корист од над половина милион српски динари.

 

Настанот се случил на 16 октомври во Нов Белград, а според истрагата, осомничените претходно подготвиле план за измамата.

 

Македонскиот државјанин М.М. го однел Французинот Л.Ј.Т.Б. во продавница за електронски уреди, каде што претходно се сретнале со српскиот државјанин Г.Б.

 

Францускиот државјанин потоа влегол во продавницата и се обидел да купи мобилен телефон iPhone 18 Pro Max, чија вредност надминувала 450.000 динари.

 

Наместо вистинска уплата, осомничениот наводно употребил специјално подготвена картичка и компјутерска програма со која била манипулирана комуникацијата со ПОС-терминалот.

 

На тој начин, според обвинителството, вработените биле доведени во заблуда дека трансакцијата е успешно реализирана и дека телефонот е платен.

 

Откако го презеле уредот, осомничените се упатиле кон автомобилски центар, каде што телефонот му бил предаден на српскиот државјанин Г.Б.

 

Сепак, нивниот план завршил со полициска интервенција. Полицијата ги следела случувањата и веднаш по предавањето на телефонот ги уапсила тројцата осомничени.

 

Обвинителството бара притвор за Македонецот и Французинот

 

Тројцата осомничени биле сослушани во Третото основно јавно обвинителство во Белград.

 

Надлежниот јавен обвинител предложил судот да им одреди притвор на македонскиот и францускиот државјанин.

 

Како главна причина се наведува фактот дека станува збор за странски државјани кои немаат пријавено живеалиште или престојувалиште во Србија, поради што постои опасност од бегство.

 

Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да ги утврдат сите околности поврзани со измамата.

 

Случајот привлече внимание поради необичниот начин на кој осомничените наводно успеале да го измамат електронскиот систем за наплата.